Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање со критики до предложениот владин состав, чиј мандатар Зоран Заев го нарече топ-шоп премиер.
Рече дека дека и покрај пропаѓањето на Еуростандард банка, Заев ветува стабилни економски политики.
Три години по ред слушаме како ветува економска година, ветуваше и патишта, мислам дека нема да остане зелена површина по мандатот на топ шоп мандатарот. И сето ова вели ќе го направат со чесни стручни докажани кадри. Народот има една поговорка „мижи Асан да ти баам”. И од вчера сум овде присутен, барам гледам, се вртам да ги видам чесните, стручни, докажани кадри, но нема ниту еден таков. Тука е Шекеринска синоним за транзиционен неуспешен и неспособен политичар, кој во свото CV има афери, бонбона бизнис, продажба на ЕСМ, афери со становите, кажа Јанушев, кој потоа упати и критики до Љупчо Николовски, кого го нарече „човекот, кој ја измисли корупцијата во земјоделството”, а сега ќе биде вицепремиер за борба против корупцијата. Упати критики и до другите членови во предлог-владиниот состав.
Заев му реплицираше дека всушност со ваквиот настап тешка им е помислата дека уште четири години ќе бидат во опозиција.
Нема топ-шоп влада има дормео опозиција, затоа што преспавте додека се решаваа сите крупни прашања во државата, немате став. Немавте ни тронка храброст кога требаше без разлика на политичка кариера и перспективи да се носат одлуки за државата. Огромна е фрустрацијата и комплексот знам дека тоа боли. Нема повеќе ЈСП и парите, нема повеќе Орце Камчев да ви дава пари, нема да ги кршите законите, доаѓа време во кое со пријатели околу нас, како членка на НАТО низ поглавјата и преговорите отвораме сериозни економски перспективи на нашиот народ, одговори Заев.
На ова реагираа процедурално пратеници и од власта и од опозицијата, а спикерот Џафери ги замоли да го подигнат нивото на меѓусебната комуникација, да се обраќаат со почитување едни кон други и да не удираат по масите во салата.