Додека македонско-бугарската комисија, целосно изолирана од јавноста, втор ден се обидува да постигне напредок за историските прашања, од Софија стигна политичка порака.
Бугарскиот претседател Радев изјави дека неопходно е политичко решение за надминување на историските прашања, а одговорноста за тоа директно ја насочи кон Македонија. Вели дека е задоволен од бугарскиот тим на Комисијата, но дека сепак, политичарите се тие кои носат одлуки.
–Тие не можат да се изземат (абдицираат) од овој важен процес и за Бугарија и за Македонија и за ЕУ. Крајно време е да се најде такво политичко решение, кое ќе ги потврди сите принципи на добрососедство, на взаемни односи и почитување на историјата и на нашиот идентитет и јазик. Се разбира, тоа е одговорност на земјата кандидат за членство во ЕУ. За компромиси секогаш има место, но велам компромиси не смее да има за историјата, идентитетот и јазикот и за барања со барање за национални малцинства, изјави Румен Радев, претседател на Бугарија
По острите тонови и прозивки од Софија деновиве, премиерот Заев верува дека во наредниот период сепак ќе се надминат и историските и политичките недоразбирања со Бугарија, оптоварени и со последниот појаснувачки меморандум на Софија.
–Во моето скромно политичко искуство како претседател на Владата никогаш не сме разработувале „План Б”, затоа што тогаш би значело дека се откажуваме од „Планот А”, а тоа е преку трпение и меѓусебно почитување да се изнајдат решенија. Јас реков дека не смееме да ја отстраниме можноста дека ова нема успее, но истовремено реков дека ќе направиме се за да можеме да го изнајдеме решението. Според мене, да не беше Гоце Делчев, требаше да го измислиме за да биде мост на пријателство меѓу двете земји, изјави Зоран Заев, премиер на Македонија.
Бугарскиот премиер Борисов на минатонеделната средба со министерот Османи во Софија го зацрта 10-ти ноември како краен рок до кога очекува компромис за отворените прашања. До тогаш, според најавите, треба да се одржи и средба меѓу Борисов и Заев.