Премиерот Зоран Заев изрази убеденост дека Македонија ќе добие датум за преговори, но притоа појасни дека е свесен оти ќе има голема неизвесност до официјалното објавување на таквата одлиука на ЕУ.
– Верувам до небото дека ќе добиеме датум за преговори, останувам оптимист. Нашата земја уште од самостојноста до денес ништо лесно не добива, ние сме мала земја и сѐ сме остварувале со мака. Зборувам за сите влади досега, не само за оваа, така што драмата во ЕУ веројатно ќе биде до последен момент – порача премиерот на прес-конференција во Владата.
Истовремено, Заев исклучи каква било можност да бидат организирани предвремени избори доколку, сепак, Македонија не добие датум.
– Редовност на изборите е редовност на општеството. Обезбедувањето предвидливост на стопанството е важна работа, па според мене, на нашата земја ѝ требаат редовни избори. И на крајот на октомври за мене се редовни избори – изјави Заев.