Македонија 06. април 2018. / 17:35

Заев не знае што прави Шекеринска – никој не го информирал за скандалот со военото аташе во САД

Заев не знае што прави Шекеринска – никој не го информирал за скандалот со военото аташе во САД

Премиерот Зоран Заев не е информиран дека во Вашингтон престојува одбрамбено аташе без согласност од претседателот Ѓорѓе Иванов, објави Алфа.

Премиерот Заев не знае дека веќе два месеци во Вашингтон престојува одбрамбено аташе без да биде именуван со потпишан Указ од претседателот Ѓорѓе Иванов, само со одлука на министерката Шекеринска и дипломатски пасош по налог на Димитров.

Заев оваа информација ја слушна денеска од Алфа.
-Прв пат слушам за оваа проблематика. Ве молам да се доинформирам од службите како тоа се случило и секако ќе постапиме сигурно согласно закон и согласно меѓународните стандарди кои важат за Македонија, изјави Премиерот.

За ова посочи и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во неговото гостување во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија. Николоски откри дека министерката за одбрана Радмила Шекеринска постави лице без безбедносен сертификат да ја води агенцијата за разузнавање.

-Во овој момент министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, за началник на военото разузнавање постави лице кое немаше безбедносен сертификат и за истото се водеше постапка пред управниот суд и наеднаш доби безбедносен сертификат за што имаме сериозна реакција од НАТО. Во исто време, испратено е воено аташе во САД кое нема дозвола од претседателот на државата. , рече Николоски.

Како што објави Алфа, одбрамбеното аташе, поранешниот воен разузнавач Ивица Ампов е испратен во Вашингтон на 5 февруари, со одлука на Шекеринска без интерен оглас, врз основа на што Димитров искористувајќи го своето дискреционо право одобрил да му биде издаден дипломатски пасош за да може да замине. Детали оттаму не откриваат, ами само дека потпис на пасошот ставил „надлежен во секторот за дипломатски и службени пасоши и визи при директоратот за конзуларни работи“.

Алфа претходно се обрати во надлежното министерство од каде потекнува одлуката за Ампов. Оттаму прво се повикаа на Правилник донесен пред 4 години, за упатување на работа во странство, донесен од министерството, во кој во член 5 стои дека „министерот може без објавување на интерен оглас да упати лице на работа надвор. Но овој член не важи за воени претставници како што е одбрамбеното аташе. Што практично значи дека министерството го крши законот за одбрана според кој единствено надлежен за ова прашање е врховниот командант – шефот на државата. Зошто и покрај ова одлуката е донесена, праша Алфа во Одбрана, но оттаму место објаснување добивме ироничен одговор:
„Ваквото отворање на стара тема открива нервоза поради неколку работи – покачените плати во АРМ, отворањето на шанса за вработување на младите во АРМ и тоа што Македонија не остана без воен претставник во САД, кои се наш стратешки партнер. “, објаснуваат од МО.

Инаку Иванов согласно процедурата, го известил министерството за одбрана на 13 септември дека има намери да го отповика Методи Хаџи Јанев, а Указот за ова го донел на 4ти декември. Во меѓувреме, на 15 ноември, официјално побарал од министерството да му достави предлог кандидати за ново одбрамбено аташе. Но одговор никогаш не добил.