Македонија 20. ноември 2019. / 14:20

Заев не ја коментира Рускоска – го слуша Прибе

Заев не ја коментира Рускоска – го слуша Прибе

Не коментирам за обвинителката Русковска. Прибе во својот извештај вели политичарите да избегнуваат коментари за одредени постапки на судии, обвинители, изјави денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на веб платформата „Отворени финансии“.

Заев повтори дека ветинг ќе има за судовите и обвинителствата, бидејќи тоа е неопходен процес, што мора да се случи.

– Нашиот народ очекува протресување на судии, обвинители, политичари, директори… Тоа треба добро да се организира. Поучени од искуството од Албанија треба да знаеме дали сме подготвени, да се анализира за да не останеме без судии и обвинители. Ветигот е наша обврска како општество. Не мислам дека политичарите не треба да го спроведуваат ветингот. Мора да се помине низ тој процес. Во иднина очекуваме низ поглавјата да имаме трансформација на нашето општество. Мора да се протресеме сите, да се знае дека ако сме влезени да и служиме на државата, треба транспарентно да ги дадеме сите наши податоци и за нашето семејство за да го отстраниме личниот интерес, рече Заев.

Премиерот истакна и дека имал и политичко ветување за реизбор во правосудството.

– Аргументите беа дека немаме доволен резервоар при евентуално анулирање на одредени судии и обвинители. Ако се случи стотина да не можат да го поминат ветингот, немаме како да го пополниме тоа. Ние по систематизација во правосудството имаме 750 судии, а во моментот има 520. И ако се случи стотина да не може да го поминат ветингот ние немаме од каде да ги надополниме тие стотина, а не пак другите 200. Академијата има „тесно грло“ и не продуцира многу луѓе, рече Заев.

Заев  додаде  дека имаме квалитетни кадри со над пет години искуство, адвокати, универзитетски професори… И оти во врска со овој процес има позитивни сигнали и од опизицијата и се надева дека наскоро ќе се реализира.