Македонија 05. април 2019. / 15:14

Заев: Напредок во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ околу Законот за јавно обвинителство

Заев: Напредок во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ околу Законот за јавно обвинителство

Премиерот Зоран Заев вели има напредок во преговорите со опозициската ВМРО-ДПМНЕ околу Законот за јавно обвинителство со кој треба да се уреди работата на Специјалното јавно обвинителство. Одговарајќи на новинарско прашање, тој денеска изрази верување дека законот ќе биде донесен во кус период, за да се исполни последниот услов за добивање датум за преговори со Европската Унија.

-Помалите партии, како што се Алијансата на Албанците и БЕСА, веќе дадоа свои инструкции и дадоа јавни изјави, но оставија простор прво да се договориме со најголемата опозициона партија. Осумте пратеници во ВМРО-ДПМНЕ дадоа свои правци и инструкции, но и тие оставија простор прво да завршат преговорите со најголемата опозициона партија. Кога се исполнети сите реформи, кога на Европа ѝ држиме лекација за напредок не размислувам за оставка – рече Заев.

Тој додаде дека тесен е просторот меѓу изборите за Европскиот парламент и извештајот на Европската комисија кој се објавува по изборите, бидејќи неколку земји имаат четири дена за да го усвојат тој извештај и за да им дадат дозвола на земјите членки при Советот на Европа да ја донесат одлуката.

-Јас верувам дека оваа година нашата земја ќе добие конкретен датум за преговори. Немам дилема околу тоа, посебно знаејќи дека остана само уште еден закон кој низ политичкиот дијалог треба да го договориме – рече Заев.