Македонија 12. април 2020. / 13:17

Заев најавуваше, но не кажа кој ги уби децата кај Смилковско езеро

Заев најавуваше, но не кажа кој ги уби децата кај Смилковско езеро

Денеска се навршуваат осум години од петкратното убиство кај Смилковското езеро. На 12 април 2012 година, Велики четврток, беа убиени петмина скопјани додека ловеле риба крај езерото.

За петкратното убиство беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење. Случајот го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Долго време тензијата во јавноста во врска со ова грозоморно убиство ја држеше и тогашниот лидер на опозицијата, и сега поранешен премиер Зоран Заев кој изјавуваше дека поседува докази т.е бомби за вистината од убиството на Смилковското езеро. Сепак, тој ги сруши очекувањата на родителите на убиените момчиња.

При неговото сведочење во Кривичниот суд се постави прашањето – дали Заев ја злоупотреби болката на родителите и семејствата на убиените момчиња за гласови на изборите во 2016 година?! Дали Заев за гласови манипулираше со „Монструм“ и човечките судбини?!

Родителите на жртвите досега неколкупати апелираа до судијата Огнен Ставрев Заев да се најде на листата сведоци, за конечно да се соочат со него и со неговите лаги.

Таткото на Александар, Горан Наќевски, летото побара од Ставрев стражарно да го приведе тогашниот премиер, затоа што како политички противник на ДУИ им изнел конкретни докази за вмешаност на функционери од ДУИ во свирепото убиство. Таткото, го обвини Заев дека откако е склучена коалицијата со ДУИ тој манипулира со доказите кои што можат да доведат до вистината за „Монструм“.

-Кога бевме кај Заев рече дека ќе ни даде 6 разговори државна тајна за 6 функционери на ДУИ. Но, подоцна тие станаа 5. ДУИ тогаш беше нивни противник. Заев ни ги покажа транскриптите, ни го посочи Невзат Бејта и ни покажа транскрипт од разговор меѓу Невзат Бејта и обвинетиот Фејзи Азири. Не го исполни ветувањето, од политички причини не ни ги даде тие 5 државни тајни, рече Наќевски.

Тој продолжи, во име на сите родители:

-Бараме претрес да се изврши во седиштето на СДСМ. Тврдам дека тие транскрипти се таму. Бараме да не соочите со премиерот Заев, дека не лажеме и не измислуваме. Стражарно приведете го, ќе го почекаме!

Во едно од ретките интервјуа, Наќевски за „Алфа“ вели и дека токму поради овој политички пазар, Заев е поголем монструм и од убијците.

-2015 друго ни ветуваше, сега друго прави. Револтирани сме и од Катица Јанева ни ветуваше дека прв случај ќе биде, ама молк и од таму како што гледате. Мислиме дека и таа е политички пазарена со СДСМ и ДУИ, рече Наќевски во октомври 2017.

 

За време на “бомбите“ Заев јавно изјави дека има докази со кои ќе докаже дека осудените во „Монструм“ се неправедно осудени. Потоа кажа дека грешно бил разбран. Постојано повторуваше дека “бомбата“ за Смилковско ќе открие нова вистина за случајот. На секоја прес-конференција и на интервјуата добиваше новинарски прашања кога ќе биде објавена таа снимка и тој одговараше секогаш различно. Но, тврдеше дека ќе ја открие вистината. Потоа ги обвини новинарите дека “грешно го пренеле“.

-Најверојатно станува збор за погрешна интерпретација на самиот новинар, но секако големи сомневања се врзани за овој случај. Со обелоденувањето на вистината за Смилковското езеро или проектот на Владата „Монструм“, како што го нарекоа со кривичната пријава, ќе обелодени болна вистина, рече Заев во мај 2015-та.

Македонскиот народ вечно ќе го памети тој кобен Велики четврток во 2012-та година. Најсвирепиот масакр ги потресе сите, но емоциите, секако, се најзастрашувачки, кај родителите на убиените момчиња. Овие ожалостени луѓе, гневни на судбината, не смеат да бидат предмет на манипулациите на Зоран Заев или било кој друг.

Кобниот 12-ти април убиените се четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски.

Крвнички беше убиен и Борче Стевковски, 45 години, од селото Црешево. Убиствата се случиле меѓу 19:30 и 22:30 часот кога биле најдени телата на убиените.

Обдукцијата врз убиените покажал дека во нив е пукано од три типа огнено оружје, зашто се најдени чаури од три различни типа муниција, што сугерира дека има повеќе од еден извршител на чинот.