Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за време на посета на скопско Арачиново, истакна дека денеска или утре текстот од предлог–законот за обвинителство ке биде доставен до пратениците.
Како што истакна Заев, тој е оптимист дека законот би можел да се донесе пред распуштањето на овој парламентарен состав, но не откри дали во моментов се обезбедени потребните 80 гласа.
– Разговарав со сите пратенички групи, поприлично сме блиску, останува целото решение да го добијат како е вградено, да го видат и дали ќе се согласат. Апелирам до сите, од ВМРО-ДПМНЕ дигнав раце, но апелирам и до нив – имаме квалитетно законско решение, внатре има фер и еднаков третман за сите…ако тоа го направиме денес или утре, верувам премиерот Спасовски е подготвен, на барање на министерката за правда, да го стави на Влада, да го усвојат и понеделник рано наутро парламентот да ги искористи трите дена како што е предвидено за законите со европско знаменце – изјавиЗаев, додавајќи дека во таков случај гласањето би било на 12 февруари, непосредно пред распуштање на Собранието, оставајќи притоа простор ако парламентот и пратениците одлучат дека треба и на 13. да дискутираат да го направат тоа.
И потпретседателката на партијата и вицепремиерка за економски прашања, Мила Царовска соопшти дека консултациите продолжуваат и денеска, нагласувајќи дека секое одложување и замајување на јавноста од страна на ВМРО-ДПМНЕ со одложување на главни закони и можност за нивно гласање, ќе донесе само до подолго функционирање на парламентот, но дека самите избори ќе се одржат на 12 април.
– Во однос на законот за јавно обвинителство се преговара и во моментот кога сите елементи ќе бидат исполнети тој ќе се најде на гласање. Сите оние кои што сметаат дека оваа држава треба да се движи напред, да создаваме иднина за младите и за сите нас останати е важно да ја дигнат својата рака за тој закон се со цел да ги отвориме перспективите на оваа држава и да продолжиме да чекориме со ист интензитет како и овие две и пол години – изјавиЦаровска