Претседателот на СДСМ Зоран Заев заедно со генералниот секретар Љупчо Николовски денеска оствари средба со делегација на групата во Европскиот парламент „Renew Europe“ предводена од претседателот Дачиан Колош.
На средбата било разговарано за актуелни теми, предизвиците во евроинтеграциите, реформскиот процес, како и актуелната политичка состојба во земјава.
Пред присутните, претседателот Заев ги истакна спроведените реформи што Владата предводена од СДСМ ги спроведе а се важни за евроинтеграциите но и за самата држава.
– Во изминатите две и пол години покажавме дека сме посветени на европската иднина. Сторивме се што ЕУ од нас бараше. Се посветивме на реформите кои се важни за правдата, за државата но и за европската иднина на нашите граѓани. Го усвоивме Законот за Јавно обвинителство кој е аргумент плус пред нашите партнери во ЕУ и испративме порака дека сме силно мотивирани во процесот на реформи. Ќе продолжиме да даваме уште повеќе аргументи пред Унијата и верувам дека тоа ќе биде препознаено и вреднувано, порача претседателот Заев.
Тој додаде дека важно е и ЕУ да даде дополнителен имплус за да продолжи мотивацијата на граѓаните и институциите за остварување на стратешката цел, интеграција во ЕУ.
Претседателот на „Renew Europe“, Дачиан Колош му честиташе на Заев за храброста и лидерството во решавање на отворените прашања, и честиташе на државата за постигнатите успеси на домашен и меѓу народен план и порача дека групата европратеници што тој ја предвдои во Европскиот парламент ќе продолжи силно да се залага за брзо отворање на преговорите на Унијата со Македонија и нејзина интеграција во Европската унија.