Македонија 23. октомври 2018. / 12:53

Заев на денот на ВМРО: Учиме од историјата и чекориме силно и храбро кон иднината

Заев на денот на ВМРО: Учиме од историјата и чекориме силно и храбро кон иднината

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, по повод празникот „Ден на македонската револуционерна борба – 23 октомври“, упати честитки до македонскиот народ и до сите граѓани на Република Македонија, со порака сите наши идни предизвици – за мир, за стабилност, за подобар живот во Македонија, да ги водиме заеднички.

„Храброста на дејците на македонската револуционерна борба, на кои денес им се поклонуваме и ги чествуваме, е мотивот кој не води секој ден на патот Република Македонија да ја исправиме пред светот како достоинствена во нејзиното единство и во остварувањето на државните цели. Учиме од историјата – чекориме силно и храбро кон иднината. Пруживме рака за помирување со сите наши соседи. Да си пружиме рака и дома како вредност која е одлика на големи народи и нации“, пишува во честитката на премиерот Заев, во која уште упатува повик да чекориме цврсто и одлучно кон европското семејство заедно, затоа што изолација никогаш не носи ништо добро.

Патриотизам е кога им го градиш патот на идните генерации, се вели во честитката, правејќи држава признаена од сите, како што се стремеа и основоположниците на македонската револуционерна борба, и држава на која ќе бидеме горди, вложувајќи се себеси, како што се вложуваа плејадата учесници во создавањето на нашата државност.