Македонија 21. февруари 2021. / 16:13

Заев: На 21 март СДСМ ќе демонстрира највисок облик на внатрепартиска демократија

Заев: На 21 март СДСМ ќе демонстрира највисок облик на внатрепартиска демократија

Паралелно со реформите и промените во државата, тече и процесот на промени и подобрување на СДСМ, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

„Се подобруваме за подобро да им служиме на граѓаните и да внесеме нови, силни демократски вредности во нашето општество. Процесот на ажурирање и активна регистрација на членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија тече одлично ширум републиката“, додаде Заев.

Тој кажа дека веќе има над 67.000 ажурирани членови на 4 дена до истекот на рокот, а очекува да има околу 70.000 членови.

„Она што особено радува е што кон СДСМ пристапуваат и многу нови членови. Социјалдемократското семејство е доволно големо и силно.  Граѓаните ги препознаваат нашите политики, знаат дека со СДСМ е сигурно, дека со СДСМ, државата, економијата, целото општество се движат напред и затоа ја даваат довербата. Со СДСМ имаме членство во НАТО, поголеми плати, зголемена минимална плата, просечна плата, повисоки пензии, инвестиции, над 1,3 милијарди евра помош за граѓаните и економијата“, посочи Заев.

Според него со СДСМ има слобода и демократија но и еднаквост помеѓу мажите и жените, нови шанси за младите.

„Додека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се менува, во СДСМ повторно се случуваат нови промени, следуваат првите, директни внатрепартиски избори на 21 март. Одново, правиме револуционерен, пионерски чекор во партиското дејствување. Токму СДСМ, на 21 март, на денот на пролетта, ќе демонстрира највисок можен облик на внатрепартиска демократија, членовите на директни избори да го избираат својот Претседател. Горди сме на ова, процесот на непосредни внатрепартиски избори ја става СДСМ во врвот на најмодерните партии, и тоа на светско ниво“, рече Заев.

Тој посочи дека демократски партии кои поставуваат нови демократски стандарди и водат напред можат да ги движат општествата и да им служат на граѓаните.

„СДСМ продолжува да се менува, затоа СДСМ продолжува и да победува, затоа што е посветена и работи во интерес на граѓаните и државата“, рече Заев.