Премиерот Зоран Заев се сретна со премиерот на Малта, Џозеф Мускат во палатата Кастиља, каде ги информираше домаќините за интересот на Република Македонија да отвори можност за конзуларни услуги во Валета со цел да им се олесни комуникацијата на големиот број граѓани на Македонија кои работат во Малта.
Пренесен е и ставот на македонската влада доколку после извесен период работата на конзуларното претставништво добие на интензитет, истото да прерасне во генерален конзулат.
Заев беше придружуван од Министерот за здравство Венко Филипче, од државниот секретар во МНР Виктор Димовски, како и од Посебниот советник за надворешна политика Дане Талески.
Во делегацијата на премиерот Џозеф Мускат на средбите беа присутни и Крис Ферни, Заменик претседател на влада и министер за здравство, Хелена Дали, Министер за европски прашања и еднаквост, како и Министерката за надворешни работи и трговија, Хон КАрмело Абела.
По завршувањето на билатералната среба, премиерите Заев и Мускат потпишаа Договор за заемно признавање на дипломите и сертификатите од високото образование меѓу Република Малта и Република Македонија.
Државниот секретар на Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски и неговите колеги Антони Вела од Министерството за образование и Фиона Формоса од Министерството за надворешни работи на Малта, ги потпишаа документите Рамката за билатерална соработка помеѓу Република Македонија и Малта, како и Меморандум за разбирање за заемна соработка меѓу Медитеранската академија за дипломатски студии при Универзитетот на Малта и Директоратот на дипломатската академија на Министерството за надворешни работи на Република Македонија.
Владата на Малта како земја членка на Европската унија изрази целосна подршка за Република Македонија во насока на забрзување на евро-интегративните процеси, потенцирајќи го значењето на реформите кои ги спроведе владата во последната година.