Македонија 25. ноември 2018. / 19:13

Заев: Македонија може да влезе во ЕУ до 2023 година

Заев: Македонија може да влезе во ЕУ до 2023 година

Зоран Заев уверува дека Македонија може да стане членка на Европска унија до 2023 година, односно само четири години откако во јуни в година евентуално би добила датум за почеток на преговори и две години пред најоптимистичкото сценарио за Србија и за Црна Гора, кои веќе преговараат!

-Во моментов го имаме прилагодено нашето законодавство и го завршивме поголемиот дел од работата. Има поглавја кои ќе ги отвориме и веднаш ќе ги затвориме. Сепак, сè зависи од нас и ако протуркаме сè според планот, верувам дека Македонија може да пристапи во ЕУ до 2023 година, изјави македонскиот премиер во интервју за српскиот неделник „НИН“.

Изјавата беше одговор на истата таква проценка на професори од швајцарскиот универзитет од Св. Гален. Заев потсети дека Македонија е кандидат за членство во Унијата од 2005 година и изрази надеж дека ќе пристапи во неа заедно со Србија.

За азилантот во Унгарија, Никола Груевски, тој нагласи дека немал причина да ја напушта земјата.

-Безбедноста на Груевски не е загрозена, ниту, пак, е жртва на политички прогон. Сè беше транспарентно, сите знаат дека тој беше прогласен за виновен во судскиот процес што дури и неговата партија не го оспори, објасни Заев.

Претседателот на Владата очекува процесот на менување на Уставот во согласност со Преспански договор со Грција да заврши до крајот на јануари 2019 година, додавајќи дека „сите ние работиме заедно за да обезбедиме повеќе од потребните 80 гласа“.

Ако претседателот Ѓорге Иванов опстои на својот став да не ги потпишува указите за законите за ратификација на договорот со Грција и за двојазичноста, Заев со одговор: „Ќе чекаме до 2 мај 2019 година, кога истекува неговиот втор мандат“.