Премиерот Зоран Заев денеска побара оставка од директорот на затворот „Шутка“ Ѓоко Котевски, по вчерашните два инцидента во дворот на оваа казнена институција, во кои поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Рисотвски беа повредени.
Премиерот го осуди самиот чин, и наведе дека без разлика на тоа кој е виновен за инцидентите, тој побарал одговрност од директот. Оставката тој ја очекува најдоцна до понеделник.
Инаку вчера од СДСМ изјавија дека сценаристи на инцидентот во затворот се Христијан Мицкоски и Никола Груевски.
– Нема толеранција за било какво насилство, благодарение на брзата и професионална реакција на институциите не успеа денешната провокација, смисленото сценарио на Мицкоски и Груевски. Очекуваме надлежните институции да го расчистат овој инцидент. Нема да дозволиме Мицкоски и Груевски да ја втурнат Северна Македонија во нови кризи и тензии и да ја загрозат иднината на нашата татковина и сигурноста на граѓаните. Насилството ќе се санкционира, а Мицкоски нема да успее. Одговорност за нарачателите, извршителите за крвавиот 27 април мора да има. – изјави вчера портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.
Зад одлуката на премиерот застанала и министерката за правда Рената Десковска.
– Случајот заслужува и ќе има истрага. Треба да се види дали и каде е направен пропуст. Мора да има одговорност кој дозволил да има близок контакт меѓу овие две групи, без разлика дали тоа е вообичаена пракса или не. Во конректнава ситуација треба да се прави проценка за одредени ризици. – рече министерката Дескоска.