Мислењето на нашиот колициски партнер Љубчо Георгиевски е негово лично мислење, изјави премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање да ги искоментира ставовите на Георгиевски , чиј план за решавање на проблемот со Бугарија што го изнесе на социјалните мрежи викендов, предизвика бура од реакции.
„Владата ниту преговарала, ниту ќе преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Тоа е универзално право на сите нации да имаат свој јазик и да имаат свој национален идентитет, тоа е прашање кое е јасно и недвосмислено фиксирано со меѓународни повелби. Мислењето на нашиот коалициски партнер Љубчо Георгиевски е негово лично мислење“, рече Заев.
Тој информираше дека уште вчера разговарал со Георгиевски, при што тој му потврдил дека тоа е негов личен став, и како што рече, му објаснил дека тоа не може да биде став ниту на Владата ниту на коалицијата заради тоа ставовите на Владата по тоа прашање се јасни.
„Не постои никаде во светот, па ниту кај нас да си легнете на 31 декември ’43 како Бугари и да се разбудите на 1 јануари ’44 како Македонци. Тоа го нема никаде. Затоа ни Европа не навлегува во дебатите за историјата. Со Бугарија имаме потпишано Договор во кој прифаќаме заедничка историја меѓу двата народи и двете држави. И тоа е навистина еден сериозен исчекор во духот на пријателството“, рече Заев на промоцијата на проектот за реконструкција на Универзалната сала.
Според премиерот, Бугарија иако ги признава Македонците и македонскиот јазик како реалност бара да разговара за минатото, но тоа, вели е доминантно прашање на историчарите, изразувајќи уверување дека ќе изнајдат начини токму како историчари да го заокружат делот на минатото што Бугарија сака да го утврди.
Заев надеж дека ќе има поместување во изнаоѓање на решението по изборите во Бугарија.
„Верувам дека ќе се изнајде решение, не би давал длабински коментари, бидејќи сега во Бугарија има избори. А по изборите штом ќе се формира владата во Бугарија ние ќе продолжиме уште посуштински да навлеземе во преговорите, бидејќи сакаме час поскоро да најдеме решение и ние да го продолжиме нашиот европски пат и да ја одржиме првата меѓувладина конференција“, истакна премиерот.