Македонија 27. декември 2018. / 15:09

Заев ќе води истрага за писмото на Бејли!

Заев ќе води истрага за писмото на Бејли!

На седницата за пратенички прашања во Собранието, премиерот Заев рече дека преку министерката за правда Рената Дескоска ќе покрене инцијатива до Судскиот Совет за истрага по укажувањата на американскиот амбасадор дека некои судии местеле одлуки за притвор или пресуди повикувајќи се на авторитетот на амбасадата на САД.

Судскиот Совет, според законите, е надлежен да ја следи и оценува работата на судиите, но и да одлучува за нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Доколку на пример, во истрага според укажувањата на амбасадорот се утврди дека претседателот на Основниот Суд Скопје1, г-н Џолев, поттикнувал местење на судски одлуки за притвор или пресуди повикувајќи се на влијание на дипломатски авторитети надвор од судот, тогаш Судскиот Совет има овластување да го разреши него од местото претседател на Суд, или било кој друг судија за кој ќе се утврди дека местел случаи. Овие прашања, според изјавата на Заев би требало да ги покрене министерката Дескоска, како член на Судскиот Совет по функција. Инаку лично Заев е претседател и на владиното тело за реформи во судството, откако оставка од таа позиција си даде професорот Гордан Калајџиев. Во декември 2017-та Проф. Калајџиев изјави: „Лично сметав дека реформите не се одвиваат на начин на кој јас замислував во однос на брзината, нема вистинска инклузивност ниту на луѓето кои се засегнати од реформите, пред се, тука мислам на самите судии, и обвинителството во делот на правосудството. Но, најнезадоволен бев од работата на самиот совет“.

Сега на потег е министерката Дескоска, која се очекува на следната седница на Судскиот Совет да покрене иницијатива за истрага за работата на судиите во Основен Суд Скопје1, а според укажувањата на амбасадорот Бејли, дека има информации за местени случаи при носење на одлуки за притвор или изрекување на пресуди. Оваа истрага ќе биде голем тест и за владата, но уште повеќе за судството. Од овој ангажман на Дескоска и Судскиот Совет може да зависи и тоа дали Македонија следната година ќе добие датум за преговори од ЕУ, бидејќи владеењето на правото е клучен критериум.

Инаку, во 28 годишното постоење на Македонија како независна држава, ова е прв случај каде амбасадорот на САД преку писмо и укажува на судската власт дека се сомнева дека се местат притвори и пресуди со злоупотреба на неговиот авторитет. Инаку за да испрати такво писмо амбасадорот Бејли сигурно морал да добие дозвола од Стејт Департментот, а тоа значи дека кругот на дипломати во Вашингтон кои се запознаени за оваа судска афера е сигурно многу поширок. Истовремено, главната забелешка кон Македонија која доаѓа од неколку земји членки на ЕУ, е токму немањето на правна сигурност и владеење на правото во државата. Затоа од ова прашање и од оваа истрага во Судскиот Совет може да зависи и тоа дали Македонија во Јуни 2019-та ќе добие датум за отпочнување на преговорите за членство. Министерката Дескоска сега е на потег!