„Пржинската влада стои во нашите закони и секако ќе биде имплементирана штом се договориме со лидерите и од владејачките и од опозиционите партии“, изјави премиерот Зоран Заев откако повика на итни предвремени избори, најбрзо што може.
Тој не наведе датум на одржување на изборите велејќи дека сака да ги слушне предлозите на сите политички чинители, но дека има и свои очекувања.
– Свесни сме дека доаѓа зима, НАТО е во декември, јануари, кога ќе се одлучува, но важно е опозицијата што ќе каже заради тоа што и тие бараа предвремени избори. Важно е што ќе кажат и нашите коалициони партнери. Важно е да ги слушнеме и помалите партии. Земји кои тежнеат кон европски решенија треба да постигнат договр за да го определиме датумот и верувам дека ќе се договориме, изјави Заев.
За неговото повлекување од премиерската функција откако се договори датум, премиерот Заев рече дека ќе се почитува онака како што тоа го определува законот.
– Јас сум тој кој барал Пржинска влада и таа влада е запишана во законот и секако согласно договорите кои што ќе ги постигнеме така и законот ќе се имплементира, рече Заев.
Заев најави дека утре по состанокот кај претседателот на државата Стево Пендаровски средба во партиското седиште ќе оствари и со неговите коалициони партнери.