Премиерот Зоран Заев, пред некој ден, во гостување во емисија, конечно ја призна вистинската позадина на Законот за амнестија.
– Да, точно е дека амнестијата ја правиме и за процесот на уставните измени– рече Заев.
Сепак, на 13 април 2016 година, пред речиси три години Претседателот Ѓорѓе Иванов исто така понуди решение на кризата со слична одлука, акт за помилување на 50-тина политичари од тогашната позиција и опозиција со цел да се заврши кризата која и тоа како влијаеше врз политичкиот, општествениот и економскиот живот во македонија во тоа време, во годините потоа и најверојатно и во иднина. Таа негова одлука беше дочекана на нож од страна на тогашната опозиција предводена од истиот Заев кој сега се залага за амнестирање и промени во кривичниот законик. Тогаш беа организирани протести под мотото „Нема правда , нема мир“, помалку симптоматично се појави организирана Шарена револуција и кризата доживеа уште поголем заплет.
Иванов во 2016 година кажа дека тоа што и се случува на Македонија е туѓа игра, за туѓ интерес.
-Ова што и се случува на Македонија не е наша игра, ова е туѓа игра и за туѓ интерес. Тој некој преку завојуваните политички лидери сака да оствари своја цел. Политиката се претвори во борба кој кому повеќе кривични пријави ќе му поднесе, судиите се под невиден притисок од сите страни, претставници на меѓународната заедница ни се шетаат низ судовите додека судиите носат одлуки дали некого треба да притворат или не – рече Иванов на прес конференција во април 2016 година.
Претседателот тогаш кажа дека доаѓаат тешки моменти за нашата држава и дека ќе се носат важни одлуки за нацијата и идентитетот.
– Доаѓаат месеци и години кога политичарите, без разлика кој се на власт, а кој во опозиција ќе се занимаваат со сериозни и стратешки важни одлуки за државата, нацијата и идентитетот. Јас не сакам да дозволам ниту оние кои ќе бидат во власта, ниту оние кои ќе бидат во опозицијата да носат одлуки, а да се истовремено оптоварени и под личен притисок од можноста неправично да бидат уценети, да се соочени со лична закана за својата слобода чест углед и иднина или каква било уцена од некој надворешен или внатрешен фактор. Можеби токму заради таква цел некој ја предизвика и оваа ситуација, за да може да влијае врз нив или да ги контролира нивните одлуки, се разбира пред се во свој интерес – изјави Иванов.
-Чекајќи да ја докажат својата невиност можеме да ја доведеме иднината на државата и ова е крупен чекор кон меѓусебно помирување и ќе помогне за нормална политичка и демократска борба. Можно е сите можни страни да ме напаѓаат или обвинуваат за овој мој чекор. Кризата ќе престане кога ќе престане заканата на страв, личната освета и гнев, омраза и поделби – заклучи Иванов.
Разлика има помеѓу одлуката на Иванов за помилување и законот за амнестија донесе во Собранието три години подоцна и намерата за помирување.
Намерата и актот на Иванов беа прекинот на кривичниот прогон и помирувањето на политичките елити да се направи со цел кризата да се смири уште во самиот старт и најважно од се да бидат ослободени лидерите на политичките партии и политичките субјекти ослободени од можноста за уцени и закани за прашања кои се однесуваат за иднината на државата, нејзиниот интегритет, промени на Уставот и идентитетски теми.
Од друга страна многумина во државата сметаат дека понудата на Заев и СДСМ која доаѓа сега во пресрет на уставните измени е токму спротивното, да се направи политички пазар со кој пратеници, поранешни и сегашни политички фигури во сегашната позиција и опозиција ќе бидат уценети да донесуваат одлуки спротивни на волјата на народот и нивните гласачи со кои се деградираат националните и државните интереси.
Разликата не е само во времето кога се носи и годините потрошени во криза, туку во намерата со која се носи одлуката.
Видеото само потврдува дека некои работи биле предвидени.