Македонија 16. ноември 2019. / 12:33

Заев и Шекеринска избрани за членови на бордот на меѓународното движење „Прогресивна Алијанса“

Заев и Шекеринска избрани за членови на бордот на меѓународното движење „Прогресивна Алијанса“

Од СДСМ ја информираат јавноста дека партијата, на Конвенцијата одржана во Стокхолм, Кралството Шведска, е избрана да стане дел од Бордот на Прогресивна Алијанса.

Како што соопштија од СДСМ, донесена е одлука во Бордот, највисокото тело што ги дава политичките насоки и решава за најважните организациски и политичи прашања на Прогресивна Алијанса да бидат членови претседателот на СДСМ, Зоран Заев и заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

– Прогресивна Алијанса е меѓународно движење на прогресивни сили од цел свет. Има повеќе од 140 партии и организации од над 80 земји низ целиот свет. И ние ја добивме честа да го водиме и да го предводиме ова движење – изјави Заев по изборот.

Во бордот на Прогресивна Алијанса се и премиерите на Шведска, Португалија и Шпанија и премиерките на Данска и на Нов Зеланд. Во бордот се и главните лидери на опозицијата во Австралија, Австрија, Норвешка, Холандија, како и други политички лидери од цел свет.

– Заедно со нив ќе ја водиме глобалната коалиција на прогресивни сили и ќе создадеме подобро утре за сите нас. Нашата политичка мисија е да инвестираме во луѓето, исто како нашите партиски другари од другите социјалдемократски партии – изјави претседателот на СДСМ.

Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска констатираше дека “ успесите се препознаени”.

– Нашите резултати се почитувани. Тука сме бидејќи докажавме дека сме носители на социјалдемократски промени дома, но и во нашиот регион. Целосно ја споделуваме и поддржуваме мисијата на Прогресивната Алијанса: да има мир и еднаквост во светот, 21. век да биде век на демократија, социјална правда и еколошки развој. Нашите вредности и цели се исти со Прогресивната Алијанса. Ја вративме еднаквоста во општеството и ја унапредуваме родовата рамноправност. Ние покажавме дека може да има пристојна работа и фер приходи и да се намали сиромаштијата. Ја покачивме минималната плата, создадовме раст на платите, раст на пензиите и го зголемивме социјалниот пакет за 300 проценти. Инвестираме во посилна социјална заштита, подобро здравство и подобро образование, и создаваме нови можности за младите – изјави заменик претседателката на СДСМ, Шекеринска по изборот во Бордот на Прогресивна алијанса.