Премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција за ребалансот на Буџетот рече дека нема предвидено пари за исплата на неисплатените плати на поранешните вработени во компанијата во доминантна државна сопственост, ОХИС, бидејќи компанијата е во стечај кој го води правосудната власт.
– Таму станува збор за стечајна постапка која си ја води Судот. Владата не планира да се меша во работата на правосудната власт, стечајни управници и слично. Не сакаме да им наложуваме на судии како да работат. – рече Заев.
Тој додаде дека тие како Влада апелираат да се реши овој проблем. Инаку, на поранешните вработени во ОХИС не им се исплатени 24 плати. Кога компанијата влезе во стечај, беше во доминантна државна сопственост.
Заев во ноември минатата година оствари средба со стечајците. Тогаш на средбата истакна дека, иако стечајната постапка на АД Охис Скопје е завршена и спроведена од судските органи во процес во којшто Владата нема ингеренции, тој ќе го задолжи министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ, да ја продолжи понатамошната комуникација со поранешните вработени во Охис, да оствари средби со надлежни институции, како и со стечајниот управник Маринко Саздовски, за да се најде одржлив одговор на барањата на Иницијативниот одбор на поранешни вработени во АД Охис Скопје во стечај.