Европа нема иднина без проширување, порача премиерот Зоран Заев, на што додаде дека овој факт го знаат и земјите членки на Европската Унија.
Изјавата на Заев доаѓа како одговор на остриот говор од пред два дена на Макрон, кој изјави дека е против проширувањето ако претходно не се спроведат реформи за функционирањето на институциите на Унијата. Северна Македонија не бара веднаш да стане членка на ЕУ, додаде Заев, туку само да ги започне разговорите како награда за решените политички прашања.
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Осамни, вчера за ТВ21 изјави дека несогласувањата меѓу европските лидери можат да го отежнат процесот но не и да бидат пречка за добивање датум за започнување на преговорите.
–Јас сум скептичен во врска со приказната за иднината на ЕУ со нејзината експанзија, во ситуација каде што гледаме дека меѓу 28 земји не може да се направи договор. Одбивам секакво проширување пред да има длабоки институционални реформи на ЕУ – изјави Макрон.
И покрај несогласувањата и ривалството Франција – Германија, синоќа заврши трката за назначување нови лидери на ЕУ.
Претседателка на Комисијата ќе биде Урсула Вон Дер Лејен, министерка за одбрана на Германија, земја која за разлика од Франција и неколку други држави членки, на проширувањето гледаат позитивно.
Нов претседател на Европскиот совет е белгискиот премиер Чарлс Мишел а со надворешната политика ќе раководи Хосе Борел, шеф на шпанската дипломатија.
За премиерот Заев, новиот состав е во прилог на европската перспектива за сите земји кандидатки за ЕУ.