Премиерот Зоран Заев изјави дека договор за името сеуште нема и се надева дека денеска ќе се договори со премиерот Алексис Ципрас.
– Денеска имаме суштински разговор за конечно решавање на ова прашање. Ако се договориме тоа ќе се соопшти од двете страни во исто време. Ако има договор веднаш ќе се почне со агенда за тоа кога да се потпише, кога ќе ѝ се соопшти на јавноста, ќе се закажуваат средби со политичари и партии – изјави премиерот по учеството на Бизнис форумот „Инвестициски проекти и можности во секторите транспорт, енергетика и животна средина во Република Македонија“.
Тој нагласи дека најважно е референдумското изјаснување на граѓаните.
– Референдумот е многу важен за решавање на името – рече Заев и ги повика сите политички партии, особено претседателот на државата Ѓорге Иванов, да внимаваат во изјавите и да им помогнат на граѓаните полесно да се изјаснат на референдумот.
Во врска со имињата, Заев рече дека сите предлози од посредникот од ОН, Метју Нимиц се во игра.