Македонија 14. јуни 2020. / 16:57

Заев: Датумот за избори е одреден со Уставот и законите, не може да биде партиска желба

Заев: Датумот за избори е одреден со Уставот и законите, не може да биде партиска желба

По прес-конференцијата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Фејсбук се огласи лидерот на СДСМ, ЗОран Заев, кој вели дека итно одржување на изборите е неопходно.

Заев вели дека датумот за изборите не е и не може да биде ниту партиска ниту лична желба, дека тој бил одреден од Уставот и законите и ДИК како извршно тело има обврска да ги спроведе изборите кои по закон и устав се на 5. јули.

Претходно Мицкоски истакна дека 5 и 8 јули не се датуми на кои може да се одржат кредибилни избори со набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР и затоа не се опција за ВМРО-ДПМНЕ. Според него, прв возможен датум за избори е средината на јули.

Итно одржување на изборите е неопходно и екстремно важно за да ги вратиме институциите кои мора да им служат на граѓаните со полн капацитет и легитимитет. Тоа е неопходно и за подобро справување со здравствената и економската криза предизвикана од КОВИД-19. Датумот за изборите не е и не може да биде ниту партиска ниту лична желба, тој е одреден од уставот и законите. На Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ здравјето на граѓаните воопшто не им е важно, тоа се само изговори за да нема избори. На средбата кај Пендаровски, Христијан Мицкоски не спомена ниту З од здравје на граѓаните, ниту З од здравство или здравствена криза. Граѓаните тоа го знаат – напиша Заев на Фејсбук.