Македонија 06. април 2020. / 12:08

Заев апелира или „рекетира“!?

Заев апелира или „рекетира“!?

Нема настап на екс-премиерот и претендент за нов мандат, лидерот на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, да не предизвика негово дообјаснување. И во емисијата „Само интервју“ тоа го потврди. Мораше преку статус на друштвените мрежи да (до)објаснува што е „чекич“, а што танц.

Но, тоа беше само првична реакција. Во истата емисија Заев на, најблаго речено, чуден начин апелираше до (нај)богатите да се „покажат“ во надминување на економската криза со пандемијата од корона вирусот.

-Сакам да апелирам до сите, да донираат и да најдат начин да помогнат заради тоа што државата има увид во нивните сметки и во нивните компании. Треба да донираат и да помогнат. Тоа ќе се почитува и ќе се цени затоа што тоа е човечно да се направи, второ тие што се најбогати треба најповеќе на свои плеќи да партиципираат во тој дел, ќе изјави, меѓу другото, Заев.

Што значи тоа кога екс-премиерот ќе рече дека (нај)богатите треба да донираат, зашто државата имала увид во сметките и компаниите? Ако не донираат или ако тоа го направат симболично државата ќе види и ќе реагира? Ќе ги казни? Како, на кој начин и зошто? Затоа што не биле солидарни или имале лоша проценка колку треба да дадат за да ги задоволат критериумите на Заев?

И тука не завршува, туку оди уште еден чекор натаму. Па, вели дека ако (нај)богатите бидат солидарни тоа ќе се почитува и ќе се цени!

Како, кога и од кого ќе се почитува и цени? На кој начин? Со бенефиции, привилегии или гледање низ прсти за евенетуални пропусти при работењето?

Многу прашања кои бараат одговори. И дилема дали Зоран Заев апелира до (нај)богатите или едноставно државно ги „рекетира“!?