Македонија 12. март 2020. / 11:57

Забрана на сите јавни собири, скратено работното време на рестораните и кафулињата до 18 часот

Забрана на сите јавни собири, скратено работното време на рестораните и кафулињата до 18 часот

Забрана на сите јавни и приватни собири без разлика на обемот и бројката на учесници, концерти, кина, театри, спортски сали, теретани. Кафулињата и рестораните да работат со скратено работно време до 18 часот, а притоа капацитетот внатре да биде преполовен, односно да се задржи дистанцата од метар ипол до два меѓу луѓето што престојуваат таму, се најновите владини мерки за спречување на ширењето на корона вирусот што ги соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.

Минситерот информира дека во консултација со јавните здравствени установи се откажуваат сите хронични пациенти чија претходно закажана интервенција може да се одложи да бидат откажани. Ќе се вршат само итните хируршки операции. Истото важи и за прегледите.

Продолжување на терапијата на хроничните пациенти за коишто до сега требаше да одат на лекар специјалист, од следните денови тие ќе може да направат и на матичен лекар. За тоа Фондот за здравствено осигурување ќе направи измени на правилникот. Ова не важи за ново дијагностицирани пациенти, коишто и во овој период ќе мора да одат на лекар специјалист.

Филипче информира дека е разговарано и со поглаварите на верските заедници за строго придржување на овие мерки на владата.

Како што потенцира министерот, ваквите мерки се носат по разговори со колеги од Италија, коишто укажале дека во одредени делови на земјата, пред се во северните, дури по воведување на најстроги мерки немало нови заболени, па затоа ги вовеле ригорозните мерки во целата земја.

Филипче додаде дека тоа италијанско искуство укажало дека треба да бидеме радикални во мерките што ги преземаме.