Ненад Живановски кој живее и работи во Лондон го сподели неговото досегашно искуство со корона вирусот. Вели дека според алгоритмот на сајтот на NHS (National health service – нешто како нашиот Фонд за здравствено осигурување), најверојатно има Ковид-19. Тој вели дека на поставените прашања дал одговор, при што резултатот покажал дека веројатно е позитивен, но, ова не е релевантно, додава тој.
Неговиот фејсбук статус ви го пренесуваме во целост:
Единствениот пат да стигнете до тестирање е да се јавите на овдешниот број 111 и да добиете инструкции. Пред пет дена се јавив, но одговорот им беше дека екипи по домови не праќаат, освен ако не сте над 65 години стар, или повеќе од два дена имате температура над 40 степени и се борите за воздух, т.е. тешко дишете. Според 111 можете и самоиницијативно да се тестирате, но треба да отидете во лабораторија. Како да отидете, кога ве советуваат да останете во самоизолација?!
Инаку, од минатиот понеделник (16.03.), јас сум во самоизолација, со симптоми кои исклучуваат настинка, а прашање е дали е сезонски грип или Коронавирус. Спаѓам во ризичната група бидејќи во петокот на 13 март, бев на концерт во сала исполнета со 5000 луѓе. А, и пред тоа, едно влегување во дабол декер значи дека за еден час возење се наоѓате во заеднички просто со 50-тина луѓе дојдени од Северен до Јужен пол. Кој знае што се тука се диши и се издишува!?
Според симптомите кои ги имам никогаш вакво искуство не сум имал со сезонски грип. Обично, кога ќе добиете инфлуенца, одеднаш ќе ве нападне вирусот, ќе ве легне и ќе ве држи во таква состојба 3, 4, 5, 6 дена. Но првиот момент, кога ќе почнете да заздравувате, клиничката слика ви оди во постепено подобрување, се до конечно оздравување.
Овој пат, искуството е сосема обратно: првите симптоми ми се појавија во понеделникот (16.03.2020). Се разбудив со затнат нос, болно грло – предниот дел од грлото ми беше црвен како на плажа кога ќе ви поцрвене кожата од сончање, солзење на очите и температура од 38,5, која постепено се покачува, а не моментално, како треска.
Во вторникот (17.03), ме разбуди треска, и чувство на студ. Чувствував дека имам температура. Симптомите од горните репсираторни органи – грло и нос, се беа спуштиле надолу – дишникот ме болеше како со нож да ми се сече кога ќе се накашлав. Вториот ден ми се појави и кашлица. За жал – СУВА! Целиот ден имав нагон за кашлање и ужасен бол во дишникот при кашлање. Температура 38,7. Топол чај НАЈМНОГУ помага и смирува. Многу топло да се пие, било што – но топло да е! Вечерта, болката во дишникот при кашлање значително ми се намали, а температурата спадна на подносливи 37,1. Се понадевав дека почнувам да заздравувам, и дека ова може да е настинка или полесен грип.
Следниот ден, средата (18.03.) повторно ме разбуди треска. И повторно грлото и дишникот ме болат со ист интензитет како претходниот ден. Температура 38,3. Повторно болен, како никакво подобрување да немало претходната ноќ. Вечерта се завршува повторно како и претходната – дишникот веќе не ме боли, а, бидејќи почнав да земам сируп за сува кашлица, почнувам да исплукувам и по малку жолт шлаим. Температурата – неверојатни 35,9! Да, 35, а не 36!!!
Следниот ден, четвртокот (19.03.), повторно исто како и претходниот. Се будам со температура од 38,3, силни болки во дишникот, иако сум легнал со убедување дека сум оздравен. Така е и во петокот (20.03), така е и денеска, сабота (21.03). Легнувам заздравено, станувам болен како првиот ден.
За разлика од сезонскиот грип, каде, кога ќе ве нападне вирусот, амплитудата оди нагло нагоре неколку дена додека сте болен, па со закрепнувањето нагло паќа надолу, овдека пола ден оди нагоре, па другата половина паѓа надоле. Симптомите дека сте болен, па заздравен се идентични секој ден. Кажано со воена терминологија, како имуниот систем преку ден да успева да извојува победа во битката која ја води, но преку ноќ непријателот се реорганизира, и повторно имунитетот ги губи своите позиции.
Генерално, во споредба со грипот од пред две година, овој полесо го поднесувам, но лошото е во тоа што немате напредок и не знаете што носи следниот ден. Дали, ќе оздравете или ќе биде уште полошо. Сето тоа почнува да ме нервира и загрижува: не знаеш од што си болен, не знаеш кога ќе оздравиш, и во страв си состојбата рапидо да не ти се влоши. Чувство кое никогаш не сум го имал со ниеден поранешен грип.