За три седмици, откако за прв пат беше регистриран кај повратничка од Италија, од новиот корона вирус во Македонија заболени се 31 лице.
Вчера министерот за здравство, Венко Филипче, информираше за пет новозаболени, меѓу нив лекари и медицински персонал од Дебар. Приватните здравствени установи каде работеле во следните 14 дена ќе останат затворени.
Денеска во болницата во Дебар пристигнуваат двајца доктори од Клиниката за пулмологија за да им помогнат на останатите здравствени работници, епидемиолог и тројца инфектолози, кои се веќе таму.
Во текот на денот се очекуваат резултатите од патниците кои вчера доцна вечерта долетаа со авион од Брисел, но и на групата македонски државјани кои беа заглавени на границите. Дел од нив уште синоќа пристигнале преку граничниот премин Деве Баир.
Вчера министерот Филипче на една од прес конференциите најави дека сите овие лица ќе одат во групен карантин во касарната во Пепелиште на Криволак.
Министерот нагласи дека очекува во земјава да има околу 2.000 заболени и за месец дена да биде пикот на болеста, но потенцираше дека тоа се базира на претпоставки. Тој истакна дека се преземени мерки, ќе се преземаат и понатаму, се со цел да застанат на патот на ширењето на инфекцијата.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски не ја исклучува можноста за воведување на кризна состојба во Скопје со оглед на тоа главниот град има на 600 илјади жители и потенцијалот за ширење на вирусот е многу поголем.