Очигледно е дека упатството на македонското Министерство за надворешни работи до домашните и странските новинари за тоа како по Преспанскиот договор ќе се употребува придавката македонски, а како нема да смее да се употребува придавката северномакедонски, остана само празно ливче хартија, истражува МКД.мк.
Придавките северномакедонско или северномакедонски само една година по потпишувањето на договорот станаа главниот атрибут за граѓаните на Македонија, за претседателот, за владата, за Охридското Езеро, за војниците, за воздушниот простор, за виното, за градежните компании.
Пред и по поптпишувањето на Преспанскиот договор, македонскиот премиер Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, главните актери на овој договор со Грција, нѐ убедуваа дека, покрај другото, договорено е придавката северномакедонци или северномакедонски да не се употребува. Дека идентитетот на овој народ е зачуван.
Наспроти нив, грчкиот премиер Алексис Ципрас, во мај во интервју за Фајненшл тајмс рече: „Изгледаше дека единстевната разлика е името. Но, не беше само името во прашање – во прашање беше нашата историја и нашиот идентитет“. Тоа што секогаш го велеа и противниците на овој договор, ама од македонска страна.
Со проста операција за пребарување на вестите на Гугл, веднаш ви станува јасно дека, едноставно, оваа битка е загубена. Истражувањето на МКД.мк покажа дека голем дел од светските медиуми придавката северномакедонски ја употребува кога треба да ја реферира македонската влада, македонскиот претседател, македонското собрание, македонското Охридско Езеро, македонските закони…
Претставници од Владата, непосредно по потпишувањето на договорот, ги убедуваа македонските новинари дека власта едноставно нема да го дозволи ова. Од МНР дури и доделуваа упатство за употреба, кое очигледно не се применува.
Во тоа упатство, кое и натаму е на интеренет страницата на македонското МНР, стои дека најљубезно се молат новинарите да ги употребувате следните термини: „Република Северна Македонија или кратко име: Северна Македонија; националност (државјанство) – македонско/граѓанин на Република Северна Македонија; oфицијален јазик -македонски јазик; кодови за земјата – МК и МКД. Придавката „македонски/o/a да се употребува кога е поврзано со етнички и културен идентитет за народот, нашиот јазик, историја, култура, наследство, територија и останати особености. Ваквите термини во овој контекст се особено различни од оние што се употребуваат и се поврзани со регионот на Македонија во Грција. Други придавки, вклучително и „Северно македонски”, „С. Македонски” и „СеверноМакедонски”, не треба да се употребуваат. Придавната форма за државата, нејзините официјални органи и другите јавни институции како и приватните ентитети и актери што се поврзани со државата, воспоставени со закон, и уживаат финансиска поддршка од државата за активности во странство, треба да биде: „на Република Северна Македонија” или „ Северна Македонија”. Придавните форми за активности исто така можат да бидат „македонски/о/а”. Правилни примери: македонска економија, здравствен сектор на Република Северна Македонија, македонска уметност, македонска музика, македонско земјоделство, македонска архитектура, прехранбена индустрија на Северна Македонија… Неправилни примери – други придавки, вклучително и „Северно македонски”, „С. Македонски” и „СеверноМакедонски”, не треба да се употребуваат во овие случаи“.
Од МНР велат дека по нивното укажување на непочитувањето на ова упатство, најголемиот дел од грешките се отстрануваат.
– До овој момент е реагирано на околу 120 текстови на медиуми, НВО-а, тинк тенкови, државни институции… Во најголем дел промените се веќе направени, кај некои сѐ уште се чека на промена. Анализата покажува дека најголемиот дел од грешките се ненамерни и со оние организации со кои стапуваме во контакт, промената ја прават релативно брзо. Тимот кој работи на ова секојдневно ги следи медиумите за потенцијални грешки во однос на придавката и врз основа на тие информации, соодветно и редовно реагираме. – се вели во одговорот на МНР за МКД.мк.
Сепак, бројките на Гугл пребарувачот само за англискиот јазик убиваат. Стравувањата дека новото име нема да остане само прашање на географска одредница, туку длабоко ќе навлезе во идентитеските прашања – се остваруваат.