Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман, пред европратениците истакна дека Западен Балкан е врвен приоритет за хрватското претседателство и во тој контекст отворањето преговори со Македонија и Албанија имаат посебна важност за кредибилитетот на Европската Унија.
– Кредибилитетот на Европската Унија како светски играч треба да го положи тестот на успехот во нејзиното непосредно соседство – изјави Радман пред членовите на комисијата за надворешна политика на Европскиот Парламент.
Како што потенцира Радман, успех во непосредното соседство на ЕУ значи успех во регионот на Западен Балкан.
– Акцентот треба да се стави на стабилноста и безбедноста во непосредното соседство, отпорноста и реформските напори. ЕУ има добри причини да продолжи да се посветува на зајакнувањето на европскиот континент и да не дозволи ниеден регион во Европа да скршне од патот – изјави хрватскиот министер додавајќи дека на долг рок не е одржливо да има европски земји кои не се членки на ЕУ.
Радман оцени дека во тој поглед, отворањето на преговори со Македонија и Албанија ќе биде јасен знак дека ЕУ има стратешки пристап кон нејзиното најблиско соседство.
Шефот на хрватската дипломатија побара да се вложат максимални напори и со Босна и Херцеговина, додека преговорите со Србија и Црна Гора треба да станат подинамични, изразувајќи истовремено надеж дека за Косово ќе се отвори европска перспектива.
Хрватска го прогласи проширувањето кон Западен Балкан како еден од нејзините врвни приоритети за време на нејзиното претседавање со ЕУ во првите шест месеци од оваа година. Во мај во Загреб ќе се одржи лидерски самит на земјите членки на ЕУ и државите од западниот Балкан.