Македонија 21. мај 2019. / 15:30

Вратени на работа избрканите дипломати од МНР, кои биле во Собрание на 27 април

Вратени на работа избрканите дипломати од МНР, кои биле во Собрание на 27 април

На социјалните мрежи излезе информација за петмина избракани од МНР, поради повреда на етичкиот кодекс бидејќи на 27 април биле на протест во Собранието. Сепак со судска одлука двајца од нив се вратени на работа, откако претходно дисциплинската комисија во Министерството донесе одлука да бидат исфрлени, тие пред судската власт ја докажаа својата невиност. „Република“ побара одговор од Министерството за надворешни работи, оттаму информираа дека не станува збор за петмина дипломати, туку за тројца од кои со правосилна одлука на судот, двајца вработени се вратени на работа и ќе им бидат исплатени неисплатените плати и придонеси, додека постапката за третиот дипломат не е завршена.

Против тројца дипломати во Министерството беа водени дисциплински постапки врз основа на член 73 став 1 алинеја 22, и член 77 став 4 и член 78 став 3 од Законот за административни службеници, а во врска со член 74 став 2 алинеи 3 и 5 од Законот за надворешни работи и член 21 став 1 и 2 од Етичкиот кодекс за вработените во Министерството за надворешни работи и други лица што вршат работи за Министерството за надворешни работи. Дисциплинските постапки без водени поради нивно присуство во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година, со што, по мислење на Министерството, постапиле спротивно на Етичкиот кодекс нарушувајќи го угледот на професијата дипломат, угледот на Министерството и на државата. Поради ова им е изречена дисциплинска мерка – престанок на работен однос.

Министерството за надворешни работи ја поведе постапката откако, на барање доставено до Министерството за внатрешни работи од јуни 2017 година, во септември 2017 година доби одговор дека лицата биле во Собранието на 27 април 2017 година.

Со правосилна одлука на судот, двајца вработени се вратени на работа поради тоа што решението за престанок на работен однос на Министерството и одлуката на Агенцијата за администрација која одлучувала во втор степен по жалба, се донесени по истекот на рокот во кој можел да биде поднесен предлог за поведување на дисциплинска постапка. На вработените ќе им бидат исплатени неисплатените плати и придонеси. Постапката за третиот дипломат не е завршена, стои во одговорот на МНР.