Министерството за здравство во неделата потврди дека кинеската компанија „Синофарм“ ја вратила авансната уплата која Македонија ја извршила за набавка на нивните вакцини, но велат договорот за набавката не е откажан.
Во изјава за новинската агенција МИА од Министерството за здравство велат дека уплатата била повлечена на барање на кинеската страна поради усогласување на документацијата.
– Авансната уплата која Министерството за здравство ја изврши за набавка на вакцината Синофарм, по барање на кинеското Министерство за надворешни работи беше повлечена заради усогласување на документација, на нашето МНР и МНР на Народна Република Кина. Разговорите се во завршна фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против Ковид 19 од производителот Синофарм во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја, велат од Министерството за здравство.
Подоцна, во текот на денот се огласи и министерот за здравство, Венко Филипче. Рече дека авансот е вратен за наша сигурност, но тоа никако не значи дека нема да стигнат вакцините. Призна дека самиот процес траел подолго од тоа што сите на почетокот планирале, барана била обемна документација, нешто што се случува во сите земји.
-Се врати дел од средствата, но навистина преговорите сега овие денови па дури и за време на викендот ми се чини се во последната фаза и мислам дека сега целокупниот тој процес ќе се заврши и навистина вакцините за многу скоро ќе пристигнат во нашата земја, рече Филипче во изјава за телевизија Канал 5.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште во саботата предупреди дека е вратен авансот за кинеските вакцини. Портпаролот на партијата, Димче Арсовски изјави дека според нивни информации не само што ќе доцнат туку ние нема да добиеме вакцини од кинеската фирма во идниот период.
ВМРО-ДПМНЕ во вчерашното писмено соопштение посочија дека нивните информации биле точни.
-Филипче и покрај тоа што ги потврди тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ продолжува со своите лаги. Филипче вели разговорите се во завршна фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против Ковид 19 од производителот Синофарм во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја. Но, кој е најкусиот можен рок никој не знае, не знае ни самиот Филипче, се вели во писменото соопштение.
Според досегашните најави на Министерството за здравство досега во земјава требаше да пристигнат 200 илјади кинески вакцини. Премиерот Зоран Заев на 22-ри минатиот месец изјави дека до крајот на неделата ќе пристигнат кинеските вакцини, а за руската вакцина сè уште не можеше да каже точен датум.
Се уште се чека и на најавените 833 илјади вакцини кои се очекува да пристигнат преку системот Ковакс. Во тек се и разговори за набавка и на 100 илјади дози од руската Спутник V, како и вакцини на Фајзер.

Во меѓувреме, расте бројот на хоспитализирани во ковид центрите и во болниците низ земјава. Во изминатото деноноќие нови 305 случаи на ковид-19 од направени 2.533 тестирања се регистрирани во земјава. Оздравеле 167 пациенти, а починале 11 лицa.