Владата на Република Македонија на денешната седница ја усвои информацијата за востановување на државна награда за унапредување на човековите права која ќе го носи името на Мето Јовановски, првиот Претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.
Наградата ќе се доделува за допринос во борбата за човекови права на 10 декември кога е Меѓународен ден на човековите права.
Писателот Мето Јовановски беше истакнат активист за човекови права. Тој беше претседател на Македонскиот ПЕН центар и прв претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Тој беше припадник на повоената генерација македонски писатели кои меѓу првите пишуваа на македонски јазик и го создаваа и ширеа македонскиот јазик.
Во кариерата долга шест децении, творештвото на Мето Јовановски брои над 30 книжевни дела.
Објавуваше збирки песни, раскази, романи, песни за деца, а од нив, особено расказите, се објавувани на повеќе светски јазици, а Јовановски преведуваше од англиски и руски јазик. Автор е на расказите и негови најпознати дела преведувани на повеќе светски јазици: „Јадреш“, 1957, „Мени на мојата месечина“, 1959, „Првите човекови умирања“, 1971, „Патот до осамата“, 1978, „Крстопат кон спокојот“, 1987, „Љубовта на Грифонот“, 2005.
Ги напиша романите „Хајка на пеперутки“, 1957 „Слана во цутот на бадемите“, 1965, „Земја и тегоба“, 1968„Сведоци“, 1970„Будалетинки“, 1973, „Орловата долина“, 1979, „Крлежи“, 1984 и „Балканска книга на умрените или Ослободување преку зборување“, 1992.
Автор е и на две книги за деца „Љуман армијата“ од 1954 и „Војвода над војводите“ од 1980.