Македонија 16. ноември 2020. / 13:24

Вонредна инспекција за починатата 41-годишна пациентка на инфективно во Штип

Вонредна инспекција за починатата 41-годишна пациентка на инфективно во Штип
Фото: МИА

Државниот санитарен и здравствен инспекторат во моментов спроведува вонреден инспекциски надзор за случајот со 41 годишната пациентка која почина на инфективното одделение во Клиничката болница Штип.

-По завршениот надзор, јавноста ќе биде навремено информирана, напиша денеска министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил.

Вчера многумина граѓани споделуваа статус на социјаните мрежи, напишан од ќерката на починатата пациентка, која обвинува за лекарска негрижа во случајот со нејзината мајка која била примена и лекувана во инфективното одделение во Штип.

Таа исто така сугерира дека, иако многупати се обидувале, не можеле да ги добијат потребните информации за состојбата за нејзината мајка за на крај да им кажат дека починала.

Ќерката вели дека кога им бил вратен телефонот од мајка ѝ, сфатиле дека дури и нејзината мајка се обидувала да стапи во контакт со лекарите за да ѝ ја сменат боцата со кислород додека била на кислородна поддршка.

Kако и дали добила одговор треба да покаже истрагата.

Пред јавно да се обелодени овој случај, пратеникот Иван Јорданов, кој доаѓа од штипскиот регион, предупреди за недостатокот на кислородни боци на инфективното оделение и дека треба да претставува доволна причина јавното обвинителство да покрене случај и да истражи што се случува таму.