Македонија

Во Солун нов обид за приближување на ставовите за „најтешките прашања“

Во Солун нов обид за приближување на ставовите за „најтешките прашања“

Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, денеска ќе имаат нова билатерална средба во рамките на министерскиот состанок што се одржува во Солун.

Средбата е можност за продолжување на разговорите за решавање на долгогодишниот спор за името. Иако, формално, преговорите за името се одвиваат со посредство на медијаторот Метју Нимиц, министрите Димитров и Коѕијас, се очекува повторно да ги отворат т.н. најтешки прашања, односно опсегот на употреба на името што ќе се договори и барањето на Атина за промена на македонскиот устав. Коѕијас во повеќе наврати изјави дека „другата страна мора да сфати оти е неопходно да се согласи за ерга омнес“ што ќе овозможи да се постигне сеопфатен договор. Македонија, пак, се надева дека прашањето за името ќе се реши до Самитот на ЕУ од кој очекува датум за почеток на преговорите со ЕУ, како и покана за членство на јунскиот Самит на НАТО.

Димитров и Коѕијас повторно треба да се сретнат и следната недела на меѓународна конференција што ќе се одржи во местото Сунио, во близина на Атина.

Денешниот состанок во Солун, пак, на министрите за надворешни работи на четирите соседни балкански држави Македонија, Грција, Бугарија и Албанија, од кои две членки на ЕУ и две кои сакаат членство, е фокусиран на можностите за зајакнување на меѓусебната соработка. На средбата која почна синоќа со работна вечера што ја организира домаќинот – шефот на грчката дипломатија Коѕијас, ќе се разговара за прекуграничната соработка, за европерспективите на Западен Балкан, за влијанието на случувањата на Блискиот Исток врз регионот, за можностите за развивање на сообраќајната инфраструктура. Ќе стане збор и за соработката меѓу полициите, борбата против прекуграничниот и организираниот криминал и справувањето со миграцијата.

Министерскиот состанок ќе заврши попладне со заедничка прес-конференција.