Разговаравме уште неколку пати со дел од родителите на учениците од Средното медицинско училиште, како и со директорката на училиштето. Една од опциите е тие да се вклучат и да се поддржи работата во одделенијата каде не се третираат ковид пациенти за поискусните медицински сестри да работат со ковид пациентите.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за реакциите во врска со најавата за вклучување на тие учениците во борбата против Ковид-19.
– Вчера во текот на денот стигнаа реакциите. Следните неколку денови ќе се донесе дефинитивна одлука која нема да биде наметната секако во договор со сите чинители, додаде Филипче по посетата на Општата болница во Гостивар.
Од Унијата на ЗМСТАС, предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, денеска преку соопштение го искажаа својот став велејќи дека се против ваквата идеја бидејќи не е безбедна за учениците.
-Сметаме дека во еден ваков период кога се носат мерки за зачувување на здравјето на учениците и се препорачува он-лајн настава со цел да се намали трансмисијата во училишните клупи не е соодветна идеја малолетни ученици и недоусовршен кадар од средномедицинските училишта да биде впуштен директно во најголемите жаришта на оваа пандемија. Ние, професионалците од сестринската професија сметаме дека ризикот е многу голем, се вели во дел од соопштението на Унијата.