Специјалното јавно обвинителство за предметот „Траекторија“ побара притвор за поранешниот премиер Никола Груевски, кој што веќе има добиено азил од Унгарија. Во ист ден, СЈО за предметот „Империја“ побара притворот за Сашо Мијалков, Орце Камчев и други осомничени да се замени со куќен притвор.
Судењето за предметот „Траекторија“ на СЈО продолжува на 30 јануари за адвокатот по службена должност на обвинетиот Никола Груевски да може да се подготви за предметот. Судот претходно го прифати барањето на СЈО и одреди мерка притвор за обвинетиот Никола Груевски од денот на неговата достапност за органите на прогон. На почетокот на рочиштето обвинителката Лиле Стефановска од СЈО побара мерка притвор за обвинетиот Никола Груевски, кој е во бегство и не е достапен на органите, додека неговиот адвокат по службена должност реагираше на ваквиот предлог и побара да биде отфрлен како неоснован. Тој побара денешното рочиште да биде одложено за да може да се подготви за рочиштето поради обемноста на предметот.
Од друга страна пак СЈО даде позитивно мислење дека притворот на осомничените во предметот „Империја“ може да се замени со куќен притвор.
Ограничената слобода на осомничените сега е во рацете судиите од Апелација и од Кривичниот суд. Ако тие одлучат, ќе бидат пуштани од притвор Сашо Мијалков, Орце Камчев, Цветан Панделески и други осомничени во случајот на СЈО „Империја“.
Орце Камчев поднесе жалба на притворот со гаранција од 14,5 милиони евра и пред кривичниот суд и пред Апелациониот суд Скопје. Мијалков понуди гаранција од милион евра.