Македонија 07. април 2019. / 10:28

Во Градскиот парк во Скопје, денеска ќе се одржи отворен ден на Армијата за граѓаните

Во Градскиот парк во Скопје, денеска ќе се одржи отворен ден на Армијата за граѓаните

Во Градскиот парк во Скопје (Школка), денеска ќе се одржи отворен ден на Армијата за граѓаните, организиран по повод „Неделата на НАТО“, 70 – годишнината од основањето на Алијансата и напредокот на Република Македонија кон членство во НАТО.

На отворениот ден, на кој ќе присуствуваат министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на генералштабот Васко Ѓурчиновски, припадниците на Полкот за специјални операции, пред граѓаните ќе прикажат дел од своите боречки вештини, гардистите ќе се претстават со точката Егзерцир, а воениот оркестар ќе изведе неколку композиции. Своите вештини ќе ги претстават и припадниците на Единицата за специјални задачи на МВР, а хеликоптер на Армијата ќе изврши прелет над градскиот парк. Настап ќе имаат и децата од здружението „Трисомија 21“.

Во рамки на настанот, ќе бидат прогласени трите најдобри есеи на тема „НАТО и ТИ“, кои ќе бидат наградени со студиско патување во седиштето на Алијансата, во Брисел. Прогласени ќе бидат и победниците во вчерашната НАТО – Атлетска трка во три и пет километри. Првите три места од трките на пет и на три километри кои ќе бидат наградени со учество на меѓународен маратон.

На посебни штандови, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ ќе ги претстави своите програми и можностите за студирање на Академијата, а граѓаните ќе можат да земат примерок од магазинот на Министерството за одбрана, „Штит“.