Македонија 10. април 2020. / 13:59

ВМРО-ДПМНЕ се става во самоизолација

ВМРО-ДПМНЕ се става во самоизолација

По веста дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е ставен во самоизолација, затоа што бил блиску до заразен новинар, во партијата се уште не знаат какви мерки ќе мора да преземат, но уверуваат дека и досега ги почитувале тие што беа препорачани од надлежните органи во државата.

Ние презедовме се да се заштитиме. Во штабот престојуваме со маски и имаме сретства за дезинфекција. На влезот , на пријавницата, на сите што влегуваат им се мери температурата – вели портпаролот на партијата, Димче Арсовски.

Сепак, тие што биле во контакт со лидерот Мицкоски, се подготвуваат за десетдневна изолација, а за другите мерки ќе соопштат во текот на денот.

Според информации од партијата Мицкоски за изложеноста на корона вирусот дознал  официјално, по јавувањето од Институтот за јавно здравје синоќа, кога и бил спроведен тестот.

Во СДСМ нема конкретна одлука што натаму, освен пораката дека во партијата ќе ги почитуваат сите мерки што ги предлагаат надлежните институции.

Оттаму велат дека Зоран Заев ќе ја испочитува самоизолацијата, со додавка дека многу од нив биле во контакт со лидерот изминатите денови. Некои самоиницијативно се ставиле во самоизолација.