ВМРО-ДПМНЕ изразува благодарност за ваквата петарда на Заев за да види народот дека нема ништо зад шпекулациите што ги пушта СДСМ. Ваква услуга не може да направи никој друг освен некој кој со страв од пораз, паника и поплавен од емоции носи одлуки.
Ваков е одговорот на ВМРО-ДПМНЕ за четирите аудио снимки, објавени на Јутјуб, од разговори на кои се слушаат гласови кои наликуваат на оние на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на трето обвинетиот во случајот „Рекет“, Зоран Милески Кичеец и на една жена, кои според контекстот на дијалозите најверојатно се водени во периодот пред претседателските избори минатата година, кога се одржаа и избори за градоначалник на Охрид, на 21 април лани.
Лов во матно. Нема било што незаконски во објавеното аудио. Очајни се обидите на Зоран Заев и на СДСМ да го свртат вниманието на јавноста од вистинскиот рекет и вистинскиот криминал на чие чело седи Зоран Заев. Доколку има било што инкриминирачко во снимките кои ги објави Зоран Заев тогаш ги повикуваме надлежните органи да преземат веднаш активности. Во спротивно, да тоа ќе биде уште една клевета на Зоран Заев и лажно обвинување – велат од најголемата опозициска партија.