Додека Филипче гради згради низ Скопје, граѓаните заболени од КОВИД-19 умираат. Бројката од 725 починати е сериозен аларм дека во државата не функционира здравствениот систем, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Наместо владата да побара одговорност од министерот за зараза и смрт, таа го наградува со сомнителни тендери.
Бројката на заразени од КОВИД-19 изнесува 17.629 и е доказ дека владата на Заев не е подготвена за вториот бран на овој вирус. Оваа бројка не влева оптимизам дека граѓаните се во сигурни раце. Оваа бројка единствено е доказ дека граѓаните се препуштени сами на себе. Сами да се грижат за своето здравје, се додава во партиското соопштение.
Оттаму додаваат оти Македонија е единствена земја во Европа каде заболени од КОВИД-19 не се примаат во болниците затоа што биле „стари луѓе“ , а ги нема ниту најавените 16-те монтажни болници чии постапки до сега требаше да се распишат.
Очигледно здравствениот систем нема доволно капацитети, иако по изјавите на Филипче тие беа доволни, па сега нелогично се оневозможува хоспитализирање на новозаболени од коронавирус, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.