Македонија 26. јуни 2020. / 11:38

ВМРО-ДПМНЕ ветува изградба на четири нови Клинички центри во Македонија

ВМРО-ДПМНЕ ветува изградба на четири нови Клинички центри во Македонија

ВМРО-ДПМНЕ предвидува изградба на четири нови Клинички центри. Лекарите и медицинските работници ќе добијат 20% повисоки плати, а специјализантите ќе имаат гарантирана плата и платени дежурства, велат од партијата во соопштение испратено до медиумите.

Станува збор за Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Универзитетски клинички центар „8-ми септември“, кој би работел под административна капа на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Универзитетска клиничка болница – Штип и Универзитетска клиничка болница Тетово.

Од партијата велат дека здравството е еден од главните столбови на нивната програма.

Ветуваме дека ќе работиме во насока на креирање на модерно здравство, со врвни и квалитетни услуги. Ќе инвестираме како во болници и апарати, така и во човечки потенцијал. Достоинството на лекарите и медицинските работници мора да биде вратено, се вели во соопштението.

Од партијата ветуваат дека комплетно ќе се посветат за здравство без хартија, со укинување на рецептите и пружање на услуги само со лична карта, а лекарите и медицинските работници ќе добијат 20% повисоки плати, додека пак специјализантите ќе имаат гарантирана плата и платени дежурства.