Македонија 17. август 2018. / 17:00

ВМРО ДПМНЕ: Трајко Славески на чело на комисијата за изработка и систематизација на идеи

ВМРО ДПМНЕ: Трајко Славески на чело на комисијата за изработка и систематизација на идеи

На вчерашната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ беше составена комисија за изработка и систематизација на идеи и предлози за програма, којa ќе ja предводи Трајко Славевски, информираат од опозициската партија.

„Комисијата составена од професионалци и луѓе докажани во своите области ќе има задача да ги систематизира идеите и предлозите на граѓаните прибрани од непосредните средби со граѓани преку теренските посети и активностите од ‘Летото за Македонија’, што продолжува со несмален интензитет. Воедно, комисијата ќе почне консултации и со професори, експерти и докажани професионалци од повеќе области, како и преставници на целни групи, сè со цел да се изработи програма што ќе биде освежен и реален одговор на потребите на граѓаните“, се наведува во соопштението.

Ќе бидат вклучени и комисиите на ВМРО-ДПМНЕ, кои се составени од експерти од разни области. Од партијата појаснуваат дека програмата ќе биде со прецизни рокови и динамика на реализација и ќе понуди излез од напластените проблеми на граѓаните.

„Тоа ќе биде документ со кој ВМРО-ДПМНЕ ќе се обврзе да ја избави државата од општествената и политичко-економската криза во која се наоѓаме и пред сè да се даде фокус кон решавање на економските проблеми на граѓаните“, стои во соопштението.

На седницата на Извршниот комитет бил именуван потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, за координатор на сите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ на територијата на Република Македонија, како и членот на Извршниот комитет, Владимир Нелоски, за координатор на сите советнички групи на ВМРО-ДПМНЕ, кои се дел од советите на општините. Воедно, биле именувани и повеќе претседатели на општински комитети.

Извршниот комитет ги именувал и Сребре Марковски и Марјанчо Паноски за членови на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.