Најмалку што може да направи Оливер Спасовски е да и се извини на јавноста и да си поднесе неотповиклива оставка, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата на министерот за внатрешни работи.
– Тешко дека на тој начин ќе ги намали штетите и последиците од неговото неспособно и криминално владеење, но барем ќе се даде можност да престане хаосот што го креираше и ќе се остави простор да се расчистат сите скандали што тој ги остави.
Скопје, Тетово и другите градови наликуваат на див запад. Убиецот на младиот фудбалер Мартин Јанушев и после повеќе од една година се шета слободен, а друштво му прават и убијците кои решетаа од калашникови во сред Скопје.
Сите знаат како Груевски заминал од Македонија, а само Спасовски сопствената неспособност ја покрива со притисоци врз членовите на ВМРО ДПМНЕ и претреси на нивните возила.
Спасовски е дојден на челното место во МВР во техничката влада уште во ноември 2015 па потоа и во септември 2016.
Сега е министер со сите овластувања веќе година ипол и за време на негово министерување се случува најголемиот скандал да се снимаат и уценуваат јавни обвинители и судии.
СДСМ и Оливер Спасовски треба на јавноста да и одговорат кој, како и зошто прислушувал.
Зошто две години службите ја криеле оваа информација и дали одговорот за причините лежи во фактот што Заев однапред ги знаеше и најавуваше сите обвиненија, притвори и пресуди ?
Оливер Спасовски со оваа прес конференција наместо да даде одговори уште повеќе се заплетка во скандалот. Доколку за овој случај знаел подолго време зошто не превземал ништо? И зошто дозволил јавното обвинителство да биде прислушкувано до пред некој ден кога сето ова се разоткри пред јавноста? Најдоблесно ќе беше Оливер Спасовски денешната прес конференција да си поднесе оставка. – се наведува во реакцијата на ВМРО – ДПМНЕ.