Македонија 08. септември 2018. / 11:28

ВМРО-ДПМНЕ со честитка за Денот на независноста: Да не дозволиме реализација на антидржавни политики

ВМРО-ДПМНЕ со честитка за Денот на независноста: Да не дозволиме реализација на антидржавни политики

ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија им го честита Денот на државноста 8-ми Септември. Пред 27 години се оствари вековниот стремеж за независна и суверена Република Македонија. Овие 27 години, генерации дејци, уметници, интелектуалци, буквално секој вградуваше по некое камче во мозаикот промовирајќи ја Македонија низ светот, стои во честитката.

„Стекнавме стотици пријатели кои и покрај сите блокади го почитуваа нашиот идентитет и правото на самоопределување и не признаа под уставното име. Генерации политичари се бореа за заштита на националните и државни интереси штитејќи ја културата, историјата и традицијата. Сите досега одолеваа на притисоците, не ја свиткаа кичмата и не ги прифатија грчките црвени линии. Се бореа за просперитетна Македонија која ќе ги достигне европските стандарди, штитејќи го сопственото достоинство. Сите досега се трудеа на идните генерации да им го остават тоа што го наследиле и да гo надградат македонскиот идентитет. Вековниот стремеж на Македонците за суверена татковина беше постигнат на 8-ми Септември 1991 година остварувајќи го со тоа сонот на илјадници Македонци и граѓани на Македонија, кои своите животи ги дадоа за градење на самостојна и суверена држава“, се наведува во честитката на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ од својата независност, па до сега, се соочуваше со многу предизвици. Бевме оспорувани и како народ и држава, ни беа негирани нашата химна, знаме, име, валута, армија и полиција, но издржавме, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Успеавме да ги надминеме сите предизвици и блокади, но во исто време станавме помудри и посилни. Во овие 27 години покажавме и докажавме дека само преку сложност, обединетост, сплотеност можеме да направиме многу работи. Заедно сме фокусирани на нови победи со една единствена цел, членството во ЕУ и НАТО, како врвна стратешка цел“, велат од партијата, и додаваат дека за жал и после 27 години повторно се соочуваме со можеби најголемиот предизвик.

Се отворија прашања кои задираат во нашиот идентитет, нашиот јазик и нашата култура, и не смееме, велат од ВМРО-ДПМНЕ да дозволиме реализација на антидржавните и антинационални политики, чии последици би ги чувствувале многу генерации после нас.