Македонија 11. ноември 2020. / 12:39

ВМРО-ДПМНЕ: Политиките на Владата се шминкање на реалноста

ВМРО-ДПМНЕ: Политиките на Владата се шминкање на реалноста

Да ги реализираше СДСМ ветувањата кон граѓаните, немаше да  го спречи реалното покачување на пензиите, предлог законското решение со кое ќе се покачуваа редовно пензиите и ќе се вршеше усогласување на старосната пензија ќе го прифатеа наместо да го укинат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Факт е дека пензионерите живеат лошо откако се СДСМ на власт, ништо не се подобри за нивен подобар живот и достоинствена пензија. СДСМ лицемерно се фали дека се грижи за граѓаните во ситуација кога остави над 40,000 лица невработени, долг од две милијарди евра, секое семејство во Македонија го задолжи со нови четири илјади евра, а државата историски ја задолжи со над 60% од БДП, кој ќе има неизбежен пад од над 5% до крајот на годината. Небулозно е власта да дозволува продолжување на договорите за работа кога се исполнети условите за пензија, а да вели дека нејзината заложба е да ги задржи младите лица, наведуваат во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата прашува дали со ова законско решение Заев подоцна ќе се повика дека ослободил 20% од администрацијата, па повторно како што знае најдобро ќе ја манипулира јавноста за исполнетите ветувања на СДСМ кои донесоа само мизерија?

-Секоја политика која ќе ја донесе оваа најнеуспешна Влада во историјата на Македонија е само шминкање на реалноста,  во спротивно во земјава ќе се живееше подобро, граѓаните ќе имаа повеќе пари, а нам со оваа шминкерска Влада на Заев само ни се зголеми сиромаштијата за 30% па 400,000 граѓани веќе живеат во мизерија, велат оттаму.