ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа протест и во Струга со мотото „Загадувањето убива кога власта е неспособна – стоп за депониите“ и ја посочија дивата депонија, која е еден од најгорливите проблеми за стружани.
На протестот беше потенцирано дека на депонијата секојдневно се палат секакви ѓубриња вклучувајќи го и медицинскиот отпад, кој е навистина загрижувачки факт во овие тешки времиња на пандемија предизвикана од Ковид- 19. Имено, беше укажано дека кога честичките од дивата депонија ќе се помешаат со смртоносниот вирус, се влошуваат и се отежнуваат условите за живот на стружани.
Стружани на протестот прашаа дали тие го заслужуваат ова и дали нивните деца го заслужуваат тоа.
„Вреди ли секојдневно да се контаминира струшкото земјиште, а стружани да се измачуваат уште повеќе како да им е малку секојдневиот стрес и страв од големиот број заболени и смртни случаи од Ковод-19? Ставете им еднаш крај на лагите зашто народот скапо ги плаќа. Имајте чест и доблест, охрабрете се и решете го проблемот, како што имавте храброст во 2016 година да ветувате дислокација на депонијата“, беше посочено на овој протест.
Стружани порачаа дека апелираат и бараат да се изнајде решение веднаш и да се дислоцира дивата депонија.