Опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да поднесе нов предлог за министер за труд и социјална политика, откако во саботата во раните утрински часови пратениците во македонското Собрание ја разрешија Рашела Мизрахи, дознава Лидер од извори од партијата.
Македонското Собрание е планирано да се распушти денеска на седница планирана за 12 часот попладне. Без нов предлог од ВМРО-ДПМНЕ, кој треба да се гласа во парламентот, министерската функција во Министерството за труд и социјална политика ќе ја преземе заменичката на Мизрахи, Санела Шкријељ, кадар на СДСМ или пак техничкиот премиер Оливер Спасовски може да ја извршува таа функција до предвремените парламентарни избори на 12-ти април.
Синоќа техничкиот премиер Оливер Спасовски испрати барање до ВМРО-ДПМНЕ да предложатнов кандидат за оваа функција.
-Согласно член 44 став три од Закон за Влада потребно е да предложите кандидат за министер, кој ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика во Владата на Република Северна Македонија, се наведува во барањето на Спасовски до ВМРО-ДПМНЕ.
Мизрахи, пак рече дека нарушените меѓучовечки односи, непостоење на вредности, распаднат систем, криење проблеми, очајни граѓани, исплашени вработени во МТСП, се проблемите на Министерството за труд и социјална политика.