Зоран Заев и СДСМ добија едно големо „не“ од народот за нивните антидржавни политики, неспособност и расипништво, велат од ВМРО-ДПМНЕ алудирајќи на, како што оттаму оценија, слабaта посетеност на владината прослава по повод поканата за влез во НАТО.
„Народот им кажа ‘не’ на Заев и Тевдовски за растот на БДП од нула проценти и економијата што е во слободен пад. Народот му кажа ‘не’ на Зоран Заев за урнисаното здравство, кое на министерот Филипче единствено му користи кога треба да подели некој тендер“, се вели во партиското соопштение.
Во него се додава дека незадоволството се должи и на тоа што министерската Царовска заедно со премиерот Заев упорно, како што што се наведува, го лажеле народот дека нема да има мигрантски кампови во Македонија.
„Големо ‘не’ имаше и за Оливер Спасовски, кој користеше сила против народот што требаше да го штити, народ што сега живее во страв поради низата убиства и крвави напади кои Спасовски сè уште ги нема разрешено“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека народот ја покажал и својата разочараност од капитулантскиот договор со Грција кој го потпишал Димитров, под покровителство на Зоран Заев и Радмила Шекеринска.
„Со договорот СДСМ и Заев се откажаа од сè што е македонско, македонскиот јазик, идентитет, име, нашата историја, но и иднина. Народот го искажа својот револт и за состојбата во судството. За сите нарачани пресуди во политички монтираните случаи, за сите ослободени криминалци и за неправдата што царува во државата“, се наведува во соопштението.
Граѓаните покажаа дека не им е до славење. Не им е до славење поради прерано згаснатиот живот на Никола Саздовски. Поради фактот што цените на основните продукти потребни за живот растат, а нивните плати и пензии стагнираат, сметаат од опозициската партија.
На крајот додаваат дека луѓето не сакаат да ги прославуваат поразите кои Заев ѝ ги приредил на Македонија и покажале дека оваа, како што велат, ненародна власт мора да замине.