Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во редовното утринско соопштение обвини дека со СДСМ Македонија назадува, а првиот месец од година со само 1% реализирани капитални инвестиции покажува дека и оваа година нема да нови проекти и раст.
-Катастрофално лошото менаџирање со државата се гледа на секое поле. Со оваа власт за првпат во историјата јавниот долг надмина 5 милијарди евра и е над 50% од БДП, со што се загрозува солвентноста на државата. За само две години долгот на државата е зголемен за скоро половина милијарда евра, а во исто време нивото на реализација на капитални проекти е очајно ниско- се вели во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат каде и на што се потрошија скоро половина милијарда евра, додаваат дека ако од власта „монтираа бројчаник како што ветуваа до сега ќе прегореше од галопирачкото задолжување”.
-Граѓаните се оптоварени со нови милијарди кои треба да ги враќаат наредните години, а притоа не добиваат ништо за возврат. Нема плата од 500 евра, нема поголеми пензии, нема 600 километри нов автопат, нема ништо од она што го ветуваа.
Наместо подобар живот донесоа повисоки даноци, нови проблеми и безпариц- се додава во соопштението.