Македонија 29. август 2018. / 19:13

ВМРО-ДПМНЕ и официјално се откажа од владините средства за референдумот

ВМРО-ДПМНЕ и официјално се откажа од владините средства за референдумот

Народните избраници од ВМРО-ДПМНЕ нема да користат од владините пари за јавна кампања за референдумот, одлучи партијата по неколкучасовната внатрепартиска консултација. Официјален став околу тоа дали ќе учествуваат на референдумот или ќе бојкотираат се уште нема. Во дописот кој пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го испратила до собранискиот спикер Талат Џафери се наведува оти одлуката на Владата за буџетско финснсирање на кампања е своеволна и не е од интерес на граѓаните на РМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека средствата за рекламирање,  треба да се наменат за реализација на проекти од областа на образованието, земјоделието или за армијата.

,,Ги повикуваме Владата и нејзините пратеници да се откажат од средствата за себерекламирање под превезот на референдум. Тие да ги насочат кон конкретни проекти во реалниот сектор. А информирањето за различни видувања околу можните исходи и последици да бидат предмет на бројни медиумски соочувања во претстојниот период, како и со јавно споделување на аргументите за опциите што се нудат, стои во известувањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Иако според најавите денеска требаше да биде познато како ќе бидат распределени 80 милиони денари за јавна пропаганда, од Собранието велат, тоа најверојатно ќе се случи утре. Пратениците нема да добиваат пари, туку Собранието ќе закупи медиумски простор, и истиот, според изјаснувањето, ќе биде пропорционално поделен.

Дека позитивно ќе водат кампања за референдумот, досега се изјаснија 71 пратеник, а од утре веќе се очекува и формирањето на коалциите на партии и независни пратеници, независно дали се дел од власта или од опозицијата.